Градоначалникот на Тетово Касами денеска на прес-конференција обвини дека Владата со оваа одлука го прекршила Законот за основно и средно образование, како и дека Општина Тетово воопшто не била консултирана за неа
Во објектите на „Стара медицина“ се одвива настава на паралелките по македонски јазик при гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“
Првиот потпретседател на Владата, Артан Груби вечерва на својот Фејсбук-профил реагираше на полемиките за давањето на стариот објект на Средното медицинско училиште во Тетово на користење на Агенцијата за катастар на недвижности, на што се противи градоначалникот на Тетово Билал Касами.
Според Груби одлуката за тоа е донесена од страна на Владата без никаква негативна тенденција.
Тој понатаму појаснува дека ваквата одлука првично била усвоена во 2021 година на барање на Агенцијата во времето кога градоначалник на општината била Теута Арифи и дека истата година на барање на општината овие простори биле вратени на располагање на училиштето.
Агенцијата за катастар на недвижности и годинава го повторила истото барање со образложение дека има неискористени простории и Владата, исто како и во 2021 година, повторно ја усвоила одлуката без никаква негативна тенденција.
Сепак, Груби вели дека за Владата одлучувачки е гласот и волјата на тетовчани и затоа од вторник ќе се донесе одлука овие простории да се вратат повторно во служба на Средното медицинско училиште во Тетово.
„Но, наоѓајќи се секогаш во служба на потребите на граѓаните, потенцирам дека барањето на родителите и учениците за потребата од користење на тие простории е апсолутен приоритет за мене и за Владата, затоа и без никакво двоумење веќе од вторник, Владата ќе го врати на нивно располагање стариот објект на Средното медицинско училиште во Тетово, исто како што направивме и пред една година“,
напиша Груби на Фејсбук.
Градоначалникот на Тетово Касами денеска на прес-конференција обвини дека Владата со оваа одлука го прекршила Законот за основно и средно образование, како и дека Општина Тетово воопшто не била консултирана за неа.

Тој најави дека ќе ја тужи Владата „за незаконска одлука“ со кое една од зградите од училишниот комплекс познат како „Стара медицина“ се дава на трајно користење на Агенцијата за катастар на недвижности.
По ова од Владата реагираа дека ваквата одлука е донесена по барање на Агенцијата за катастар, затоа што досегашните простории не се адекватни за реализација на работните задачи и процедури, имајќи го предвид соодносот на бројот на вработени и просторните услови.
