Првиот вицепремиер, Артан Груби, на социјалните мрежи вечерва се огласи за оставките кои ги поднесоа заменик-министерот за здравство, Илир Хасани, и медицинскиот директор на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими, велејќи дека кога доаѓаш од народот, не постои начин да постапиш поинаку.
Во неговата објава на социјалните мрежи, тој ги коментира само кадрите на ДУИ односно не ги споменува понудените оставки на министерот за здравство, Венко Филипче, и на економскиот директор на тетовската болница, Артан Етеми.
„Кога доаѓаш од народот, не постои начин да постапиш поинаку. И Илир и Флорин нема да престанат со нивниот придонес за граѓаните и општеството. Тие се со нас и блиску до граѓаните. Дури и вечерва ќе ги најдете на должност, помагајќи им на пациентите без оглед на нивната јавна функција“,
пишува Груби.
Своето повлекување заменик-министерот и двајцата директори најавија попладнево преку социјалните мрежи. Министерот Венко Филипче, пак, се обрати од медија-центарот во Владата и соопшти дека има интегритет и од морални причини понудил пишана оставка на премиерот Зоран Заев.
Од Владата, пак, досега не одговорија дали премиерот ќе ги прифати оставките.