Снаата на шефот на ОЈО ГОКК, наведуваат од Министерството за Груби, со планот од 2020 било предвидено да се префрли во АЕК, но тогаш била на мандат со нејзиниот сопруг во амбасадата во Виена, па трансферот бил направен веднаш по нејзиното враќање во земјава во 2022 година
Откако ВМРО-ДПМНЕ го прозва првиот вицепремиер Артан Груби дека Шпреса Абази, снаа на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Ислам Абази била вработена во Министерството за политички систем со кое раководи токму Груби, од неговиот кабинет тврдат дека тоа не е така.
Според реакцијата оттаму, Шпреса Абази уште на 1 јули 2015 година е вработена во Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор, кој потоа прерасна во Министерство за политички систем. Со планот за трансфер од 2020 било предвидено таа да биде префрлена во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), но тоа се случил во 2022 г., бидејќи таа била на мандат во придружба на нејзиниот сопруг во амбасадата во Виена, Австрија.
„Во Планот за трансфер на вработени преку програмата К-5, кој е усвоен од страна на Владата заедно со уште девет вработени е предвидена за трансфер во АЕК. Во моментот кога планот е усвоен од Владата и беа реализирани трансферите, нејзиниот статус беше на мирување, бидејќи беше на мандат во придружба на својот сопруг, во амбасадата на Северна Македонија во Виена, Австрија, испратени во тоа време на Никола Поповски, министер за надворешни работи. Затоа, трансферот е извршен веднаш по враќањето од мандатот, како дел од планот за трансфер на 1 359 вработени со програмата К5“,
велат од Министерството за политички систем.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски претходно на прес-конференција прозивајќи ги ДУИ и релациите на семејството Абази со оваа партија, праша дали има некој кој сè уште верува дека шефот на ОЈО ГОКК ќе отвори истрага за скандалите и аферите со кои се поврзуваат интегративците.
