Груби го информирал Сарацин за досегашните чекори во насока на исполнување на обврската за уставните измени кои произлегуваат од европскиот предлог за надминување на спорот со соседна Бугарија, односно за формирањето на работната група за формулирање на уставните промени

Усвојување на уставните измени за Северна Македонија да го продолжи своето европско патување, иницијативата на Европскиот фронт на владината коалиција, скрининг-процесот, предизвиците и посветеноста за спроведувањето на реформите, борбата против криминалот и корупцијата, се темите за кои вицепремиерот Артан Груби денеска разговарал со специјалниот претставник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
Груби, како што инфомираат од неговиот кабинет, го информирал Сарацин за досегашните чекори во насока на исполнување на обврската за уставните измени кои произлегуваат од европскиот предлог за надминување на спорот со соседна Бугарија, односно за формирањето на работната група за формулирање на уставните промени.
„Двајцата соговорници ја искажаа потребата од конструктивност за успех на овој процес од страна на сите протагонисти за креирање политики, чекор кој никому не штети, ја зајакнува демократијата и ја одредува европската иднина на државата“,
се додава во соопштението од кабинетот на вицепремиерот.
Груби, додаваат оттаму, ја истакнал посветеноста на Владата за успешно завршување на скрининг-процесот, конструктивната политика на добрососедство, спроведување на реформите и зајакнување на борбата против криминалот и корупцијата.
Освен за овие теми, Груби и Сарацин разговарале и за актуелната политичка ситуација во земјата и во регионот.
„Поддршката на Германија за европскиот пат на Северна Македонија несомнено дека нема да изостане“,
велат од кабинетот на Груби.
Денеска специјалниот претставник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин, имаше средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, а на која Мицкоски изнел обвинувања за криминал од страна на владата на СДСМ и ДУИ, но и за злоупотреба на европското знаменце за промена на петте закони за потребите на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека на средбата се зборувало и за евроинтеграциите на земјава, нагласувајќи дека Мицкоски го афирмирал ставот оти граѓаните на Македонија заслужуваат час поскоро да бидат дел од ЕУ, но и дека процесот на преговори треба да се води според европски принципи, а не со уцени и закани од Бугарија.