Вицепремиерот Артан Груби, кадар на ДУИ и човек од доверба на лидерот Али Ахмети, вината за тоа што Собранието се уште не усвоило измени на Изборниот законик кои се во согласност со препораките на ОБСЕ-ОДИХР ја гледа опозицијата. Тој не мисли дека политичките партии треба да се откажат од предизборното рекламирање финансирано од државниот буџет со образложение дека процесот е „јавен и транспарентен“ иако има забелешки дека тие пари партиите ги делат до медиуми кои ги сметаат за блиски

360°: Во контекст на добрите демократски практики, зошто не се менува Изборниот законик?
Артан Груби: Ние дадовме поддршка на сите препораки на ОБСЕ-ОДИХР, но, за жал, нема поддршка од другите политички партии во Собранието. Денеска нека го стават Изборниот законик, ние ќе го гласаме.
360°: СДСМ рекоа дека ќе го поддржат.
Артан Груби: Да. Прашајте во ВМРО-ДПМНЕ, зашто мора консезуално да се донесе, да не воспоставиме практика на надгласување за Изборниот законик кој ги определува правилата за сите.
360°: Дали главата кочница е предлогот да се укине плаќањето на предизборните реклами со пари од државниот буџет?
Артан Груби: Не. Не, воопшто.
360°: Вие и тоа го поддржувате?
Артан Груби: Не воопшто. Па, тоа не беше во препораките.
360: Не беше во препораките на ОБСЕ-ОДИХР, но имаше една работна група кај министерот за правда Кренар Лога која излезе со предлог.
Артан Груби: Таа не беше усогласена со сите политички партии. така што, ние сите бевме усогласени за усвојување на преопраките на ОБСЕ-ОДИХР, додека за плаќањето на изборните реклами мора да се отвори поширока дебата, не на еден месец пред избори и да се оневозможи сива економија во изборите и корупција на политичките партии…
360°: Вака има злоупотреба на јавни пари, еве одат кон кластери на портали блиски до политички партии, па блиски и до вас.
Артан Груби: Тие се јавни, значи граѓаните гледаат каде одат тие пари, тука нема криење, тие јавно си одат од сметка на партијата до „360 степени“, до други портали, на албански јазик, на медиуми, на телевизии… Тоа го следат граѓаните и после ценат дали овие злоупотребиле или не за да купат, условно кажано, влијание.
360°: Ама што имаме фајде – еве, имаше извештаи по последните избори дека имаше концентрација на пари во кластери на медиуми…
Артан Груби: Има ли нешто незаконско во тоа, да речеме?
360°: Нема. Но, зошто не би се откажале од тоа?
Артан Груби: Зошто би платиле реклама во таа руската телевизија во нашата земја, не би платиле. Или, пак, зошто би платиле реклама на некоја телевизија која воопшто нема влијание или е сосема против политиките на ДУИ или ЕУ, зошто таму би плаќале.
360: Јас велам – зошто онаму каде што сте решиле да се рекламирате, тоа да биде од државниот буџет?
Артан Груби: Зашто на тој начин се елиминира корупцијата и сивата економија.
360°: Но, се покажа дека не се елиминира.
Артан Груби: Како не се елиминира, тоа е јавен процес, транспарентен.
360°: Јавен процес, ама партии ги делат парите на медиуми кои ги сметаат за свои.
Артан Груби: ДУИ, ако видите кој е импактот на македонските телевизии на македонски јазик, во албанското гласачко тело и ние тоа го мериме, така. Гледаме кои наши гласачи кои медиуми ги следат, кои портали ги читаат…