Груби тврди дека нема да се плаќаат класични пенали, туку дека единствената дилема е дали да се работи со сегашната регулатива со што проектот би траел подолго и поскапо – или ќе се сменат законите, за изградбата да трае пократко и да биде поевтина. Во рацете на пратениците е да ја донесат таа одлука, вели тој
Просекот на цената за изградба на автопатските делници е 12 милиони евра по километар и е во рамките на просекот на сегашните цени за сите автопатишта во регионот, и тоа од сите компании – вели Груби, иако тоа е пресметка врз основа на претпоставка дека проектот ќе чини 1,3 милијарди евра, а станува извесно дека ќе биде многу повеќе

Првиот вицепремиер Артан Груби, кој е координатор на проектот за изградба на коридорот 8, во гостување на „Инфомакс“ вели дека жали ако впечатокот е дека власта е таинствена околу изградбата на автопатските делници.
Смета дека процесот две години се води јавно – од потпишување на меморандумот за соработка, преку донесување на специјалниот закон во Собранието, до потпишување на договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Груби вели дека договорот не е државна тајна, туку има клаузула за степен на доверливост, што го имаат речиси сите останати договори, освен тој за изградбата на кинеските патишта.
„Договорот има друга квалификација, има една одредба каде што вели дека без заемна согласност не може да се објавуваат делови од договорот и затоа се смета дека е од доверлив карактер, но такви се сите договори. Скоро сите договори што се потпишани од институциите имаат доверлив карактер и имаат елементи кои не се за споделување со јавноста, затоа што самото тоа има деловни тајни за начинот којшто една единствена компанија, која било компанија ги врши своите работи“,
тврди Груби.
Тој дополнува и дека Управувачкиот комитет е подготвен да рапортира пред пратениците и да одговори на сите нивни прашања.
„Нема ништо скришно, нема ништо страшно за државата. Напротив, е многу убав за државата, затоа што од претходно лошо искуство, сега решивме на поинаков начин да постапиме и тоа со една од најголемите светски компании“,
вели Груби.
Кажа и дека реализацијата на договорот не зависи од законските измени, туку дека со донесени измени проектот ќе се заврши за пократко време и ќе чини помалку.
„И конзорциумот, како и надзорот, којшто ги вршеше преговорите во име на Владата, велат – имате две опции, согласно оваа регулатива, проектот ќе трае над 6 години, затоа што сега се дозволуваат само 48 часа работни итн.. И согласно таа регулатива ќе чини повеќе, отколку, ако сте заинтересирани да биде проектот пократок, од 57 месеци и со десетици милиони евра помала цена, тогаш може да пристапите да овозможите да работиме прекувремено. Не 60 часа како што тоа го претставува опозицијата, затоа што тоа беше укинато од Уставниот суд. Сега се интервенира во Законот за работни односи, каде што се овозможува прекувремена работа и таа е само волонтерска, мора да се потпише изјава од страна на работникот дека прифаќа да работи прекувремено до максимум 10 часа и тоа е целосно во согласност со Уставот и сегашната регулатива“,
тврди првиот вицепремиер, иако во предлог-измените нема горна граница за прекувремената работа.
Тој вели дека нема да се плаќаат класични пенали кон „Бехтел и Енка“.
„Единствената дилема што останува е дали ќе работиме со сегашната регулатива и со тоа проектот ќе трае подолго и поскапо или ќе ги смениме законите за да трае пократко и да биде поевтино. Во рацете на пратениците е да ја донесат таа одлука“,
рече Груби.
Според него, државата ќе има целосна контрола и врз проектирањето и врз изградбата, а ако нешто не им се допаѓа, ЈПДП ќе може да одбие понуден проект. Според него, овој модел на изградба е избран затоа што досегашните искуства покажале дека ,,не можеме да изградиме повеќе од пет километри”. Ги повтори и пресметките за просечната цена по изграден километар, иако таа е направена врз основа на претпоставка дека проектот ќе чини 1,3 милијарди евра, а станува извесно дека ќе чини повеќе.
„Просекот е 12 милиони евра по километар и е во рамките на просекот на цените за 2023 година по сите автопатишта во целиот регион, и тоа од сите компании“,
рече тој.
Договорот на Владата со „Бехтел и Енка“ не е објавен јавно, но опозицијата секојдневно објавува детали и бара одговори за спорни елементи.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврди дека бидејќи не е сменет Законот за работни односи, од денеска стартуваат пеналите коишто државава ќе треба да му ги исплаќа на американско-турскиот конзорциум што ќе ги гради автопатите.
Од Министерството за транспорт и врски демантираат дека тече рокот за плаќање пенали. Ресорниот министер Благој Бочварски денеска кажа дека првата исплата на средства би била авансот за отпочнување на градежните работи и дека секој исплатен денар од страна на Владата и државата кон ЈПДП, а потоа и кон изведувачот, ќе биде објавен на сајтот на јавни финансии.