Сите тие кои ја поддржуваат Македонија интегрирана во ЕУ, ги поддржуваат Охридскиот, Преспанскиот, Добрососедскиот договор се добредојдени во ова мнозинство и ќе видите само ќе расте, изјави вечерва првиот вицепремиер
Граѓаните да бидат спокојни вечерва бидејќи победи евроатлантска и напредна Македонија, порача првиот вицепремиер Артан Груби од ДУИ во првата изјава за медиумите откако се затвори собраниската седница на која опозицијата не успеа да ѝ изгласа недоверба на Владата.
„Денеска граѓаните се спокојни затоа што нашата ориентација кон интеграција во ЕУ останува загарантирана од ова парламентарно мнозинство, од оваа Влада и не издвојуваа победа регресивните сили кои всушност не посакуваа Македонија да биде во НАТО, во ЕУ, да има добрососедски односи, да има многу добри односи помеѓу Албанците, Македонците и сите други заедници“,
рече Груби.
На прашање дали Владата има поголема поддршка од повеќе од 59 пратеници, Груби рече дека поддршката е поголема од онаа што ја имало кога беше формирана Владата.
„Не знам дали сте ги следеле медиумите, но има поголема поддршка и од тоа што ја имаше и од почетокот на оваа влада на 1 септември 2020 година“,
рече Груби.
Меѓутоа, вицепремиерот не прецизираше дали и која е новата партија или пратеници кои ќе се приклучат на мнозинството.
„Тоа е народот, тоа се граѓаните, сите тие кои посакуваат Македонија интегрирана во ЕУ, во добрососедски односи, добри односи меѓу Албанците, Македонците и други“,
одговори Груби на прашањето дали Алтернатива ќе биде нова партија во Владата.
Тој доби повеќе прашања околу најавеното зголемување на мнозинството во парламентот, но сепак, не спомена конкретно кои ќе бидат новите партнери во власта, а уверуваше дека мнозинството само ќе расте.
„Сите тие кои ја поддржуваат Македонија интегрирана во ЕУ, ги поддржуваат Охридскиот, Преспанскиот, Добрососедскиот договор се добредојдени во ова мнозинство и ќе видите само ќе расте. Имаме убави 2,5-3 години пред нас за да ги исполниме сите програми кои ги ветивме на парламентарните избори и нека им е со среќа на граѓаните затоа што навистина денеска победи Македонија“,
рече Груби.
Тој уште еднаш ги демантираше обвинувањата од опозицијата за закани кон пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи, кој денеска не се појави на седницата и оневозможи опозицијата да има кворум.
„Го знам Кастриот долги години, тој ми беше колега во Холандската амбасада, знам какви лични и семејни убедувања има и тој е непоправлив евроатлантист кој верува во Вашингтон, верува во ЕУ. Со неговите вредности кои тој ги негува, тоа го докажа денеска и на дело со тоа што не гласаше заедно со едно мнозинство кое е анти-ЕУ, анти-НАТО, анти-Охридски договор, анти-Преспански и анти-Добрососедски договор. Кастриот Реџепи, јас сум убеден дека е добар и среќен заедно со неговото семејство“,
рече Груби.