Прашан дали доколку се утврди дека е виновен, Груби ќе биде отстранет од партијата, Ахмети рече дека нема потреба ДУИ да го отстрани, туку дека самиот ќе се повлече од партиските функции бидејќи е совесен и одговорен
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вели дека како партија ја почитуваат одлуката на американскиот Стејт департмент, со која нивниот висок функционер Артан Груби се најде на т.н. „црна листа“ на САД, но дека тој ќе има право да ја обжали одлуката и дека тоа ќе го стори служејќи се со факти.
„Ова право Груби го има во одлуката на Стејт департментот и тој сигурно нема да му наштети ниту на неговиот политички субјект ДУИ ниту на неговото семејство до моментот кога овој процес ќе добие финална разврска“,
изјави денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети одговарајќи на новинарски прашања пред Уставниот суд.

Прашан дали доколку се утврди дека е виновен, Груби ќе биде отстранет од партијата, Ахмети рече дека нема потреба ДУИ да го отстрани, туку дека самиот ќе се повлече од партиските функции бидејќи е совесен и одговорен.
„Господинот Груби е член на ДУИ, личност која четири години ја водела Владата на Република Северна Македонија. Секој член на ДУИ има обврска, без разлика на која функција се наоѓа, на повисоките или пониските нивоа, да ги спроведе платформата и избирачката програма на ДУИ“,
рече Ахмети.
Американскиот Стејт департмент во понеделникот го стави на својата „црна листа“ поранешниот прв вицепремиер и висок функционер од редовите на ДУИ, Артан Груби, и апелацискиот судија Енвер Беџети – двајцата поради вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.