Тој ја повикува и, како што вели, ја охрабрува изолирачката и клеветничка коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и оние Албанци кои се ставени во нивна служба секој доказ за секој потенцијален криминал да го пријават до надлежните институции
Откако ВМРО-ДПМНЕ денеска најави дека ќе почне со објавување докази за богатењето на првиот вицепремиер Артан Груби и членови на неговото семејство, со објава на Фејсбук попладнево реагираше Груби, кој вели дека како јавна личност очекувал и ќе се соочи со кампањата на клевети, но не верувал дека од опозициската партија можеле да паднат толку ниско и да напаѓаат членови на неговото семејство.

Во објавата, првиот вицепремиер вели дека нападите се без никаква основа и причина и дека членовите на неговото семејство на кои се однесуваат наводите на ВМРО-ДПМНЕ, работат во приватниот сектор многу порано пред тој да почне да се занимава со политика.
„Денешните обвинувања и клевети на ВМРО-ДПМНЕ и довчерашните на албанските експоненти и нивните познати пријатели во случаите `Алфа`, `Монструм` и `Дива Населба`, освен што се лаги без никакви факти и претставуваат најниско можно ниво на политика, се добро координирани и продолжение на нивната заедничка кампања за оштетување на ДУИ, претседателот, мене и високите експоненти на ДУИ, како и на реформскиот и интегративен пат преку Алијансата за Европа, наспроти изолирачките сили предводени од ВМРО и помогнати од некои Албанци, кои, за жал, целосно се ставија во служба на овие напори против проевропските сили“,
вели Груби во реакцијата на својот официјален фејсбук-профил
Овие обвинувања и други, потенцира првиот вицепремиер, што се шират, како што вели, преку овие експоненти, меѓу кои се и обвинувањата за кредитот и хипотеката на неговиот брат за деловниот објект од 20-годишен бизнис, се присутни во јавноста повеќе од една година.
„И никој од пропагандистите, Албанци или Македонци, не ги доставува своите `докази` до институциите, туку клеветите ги користат за политички кампањи, рушење на угледот и дефокусирање“,
вели Груби.
Тој ја повикува и, како што вели, ја охрабрува изолирачката и клеветничка коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и оние Албанци кои се ставени во нивна служба, секој доказ за секој потенцијален криминал да го пријават до надлежните институции.
Клеветите и обвинувањата, потенцира тој, никогаш нема да го спречат него, неговите пријатели, ниту, пак, ДУИ да го демонополизираат секој криминален монопол.
„Ќе продолжиме со храбри одлуки и политики кои можат да им наштетат на индивидуалните и криминалните групни интереси, но се добри за државата и граѓаните со целосна транспарентност“,
порачува првиот вицепремиер во неговата реакција.
Денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, најави објавување серија докази со кои, како што рече, партијата ќе потврди дека СДСМ и ДУИ ги претвориле државните институции во подружници на нивните фирми, а државниот апарат се користи за да се создадат добри бизнис-услови за фирмите на луѓето од власта.
Во однос на Груби, Лефков истакна дека неговото семејство трупа милионски бизниси и имот преку неговиот брат, кој директно или индиректно е поврзан со повеќе бизниси, како што е и тој за баждарење на инструментите за точење нафтени деривати и гас.
Лефков, во таа насока посочи дека на 16.09.2021 година, од извесен Ермир Имами од Дебар, вработен во ЕТЦ Травел во сопственост на Ветон Груби, брат на Артан Груби, е основана фирмата за баждарење на пиштолите за точење на гориво на бензински пумпи „Метролаб“.
„`Метролаб`, за краток временски период, односно на 02.02.2022 година, само 4 месеци по основањето, добива акредитација за вршење инспекција на мерила за зафатнина и проток на течни горива и течен нафтен гас – баждарење на пумпи, акредитацијата ја дава Бирото за метрологија, каде што директор е Мерита Мустафаи, кадар на ДУИ“,
рече меѓу другото пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.