Поради ситуацијата со ковид-19, продолжени се за една седмица и рестриктивните мерки во три региони на островот Крит
Рестриктивните мерки, односно полицискиот час и забраната за музика во угостителските објекти во три региони на грчкиот остров Крит се продолжени за уште една седмица и паралелно се воведени и во регионот Месинија на Пелопонез, јави МИА од Атина.
Градовите Ханија, Ираклио и Ретимно на Крит, што се и три четвртини од островот и понатаму се во црвената зона, а од денеска во истата категорија е и регионалната единица Месинија.
Полицискиот час од 1 часот по полноќ до 6 часот наутро и забраната за музика во угостителските објекти во текот на целиот ден, во конкретните региони ќе бидат во сила до 3 септември.
Од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција потсетуваат дека, паралелно со рестрикциите, забрането е одржување и какви било настани во приватни простори со присуство на над 20 лица, а во спротивно предвидени се казни од 50 000 до 200 000 евра.
Конкретните рестриктивни мерки од локален карактер грчката Влада ги воведува во регионите или општините со влошена епидемиолошка состојба и со зголемен број новозаразени.
Досега, во текот на летото, вакви мерки имаше и на островите Миконос и Закинтос.