Од сабота се отворат 515 организирани плажи во Грција, но под посебни правила за кои ќе има контрола дали се спроведуваат што според грчката Влада „ ќе биде важен тест што треба успешно да се помине“.
„Сега треба да покажеме дека со правила и зрелост можеме безбедно, ова лето да уживаме во убавините на нашата татковина. Ова ќе биде најдобриот пасош за рестартирање, не само на домашниот, туку пред сѐ на странскиот туризам“,
изјави денеска портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас.
Тој најави дека во следните денови ќе биде претставен конкретен план и истакна дека туристи оваа година ќе има, но никој не знае колкав ќе биде нивниот број.
„Многу е важно тоа што веќе имаме заедничка рамка со упатства и препораки што вчера беа презентирани од Европската Комисија. Нашата цел е оваа рамка да ја искористиме максимално, како што се движиме напред во следните фази на планот, што се распространува во следните месеци. Ова е многу важно. Истовремено, не значи дека не го разгледуваме прашањето за билатерални договори и кои би можеле да бидат тие, особено со земји вон ЕУ. Бидејќи веруваме дека никој не сака распарчување на заедничкиот пазар“,
рече Пецас и додаде дека за овие земји, без да открие кои се, ќе има информација кога ќе се презентира комплетниот владин план.
Во однос на како ќе се одвива копнениот туризам во Грција, кој е важен дел не само за северниот дел на земјата, туку и за туристите од балканските земји и дали можеби ќе се бара посетителите пред патувањето да направат тест, портпаролот на грчката Влада ќе постојат неопходните измени за сите туристи кои ќе бидат вклучени во протоколите што ќе бидат дел од планот што ќе се објави во следните неколку дена.