Наместо како што беше претходно најавено на 25 мај, Грција в понеделник, ги отвора моловите, а една недела порано ќе се отворат и кафулињата и угостителските објекти.
Како што јави МИА од Атина, рестриктивните мерки во оваа соседна земја се укинуваат една недела порано од планираното. Иако за 1 јуни беше планирано отворање на кафулињата и рестораните, тоа е најавено за 25 мај.
Исто како и за другите бизниси што започнаа со работа, така и за трговските центри и моловите ќе важат посебни правила и прописи.
Во продавниците што се наоѓаат во моловите е задолжителна маска и за вработените и за купувачите, а во останатите делови од моловите односно за ходниците и останатите простории постои строга препорака за тоа.
Бројот на купувачи ќе биде во зависност од големината на просторот, а задолжително е одржување на потребното растојание.
Во однос на кафулињата и рестораните, грчката Влада побара од здравствената комисија на експерти да ја разгледа можноста, доколку тоа го дозволува епидемиолошката ситуација, да се отворат една седмица порано, на 25 мај.
Утрово, експертската комисија даде „зелено светло“ за угостителските објекти, а утре, надлежниот министер ќе ги презентира правилата на работа.
Од викендов се отворени 515 плажи за домашните туристи, а владата најави дека првите странски туристи ќе ги прими на 1 јули.
На почетокот на неделава се отворени најголем дел од продавниците.