Туризмот ќе се отвори со „Green Pass“ односно потврда за вакцинација, за негативен тест или за прележан ковид-19, а и понатаму ќе се користи и PLF формуларот ( Passenger Locator Form), при секое пристигнување во Грција
Од петок, заедно со отворањето на границите за туристите, во Грција се укинуваат голем дел од рестрикциите воведени на 7 ноември 2020 година, како што е задолжителното испраќање смс – пораки за секое движење на граѓаните и забраната за патување меѓу региони, полицискиот час дополнително се скратува, а се воведуваат правила за внатрешните патувањата со брод или авион кон островите.
Заменик – министерот под премиерот задолжен за координација на работата на Владата Акис Скерцос попладнево, на прес – конференција соопшти олабавување на мерките, а Грците, по повеќе од шест месеци карантин, од 14 мај ќе имаат поголема слобода на движење, без да мора да испрааќаат смс пораки, без разлика дали е за пазарување, визичка активност, посета на лекар или за шопинг.
Полицискиот час, наместо од 23 часот, ќе почнува половина час по полноќ, додека пак до крајот на месецов угостителските објекти и понатаму ќе работат без музика.
Скерцос соопшти дека туризмот ќе се отвори со помош на „Green Pass“ односно потврда за вакцинација, за негативен тест или за прележан ковид-19, а и понатаму ќе се користи и PLF формуларот ( Passenger Locator Form), при секое пристигнување во Грција.
Заедно со туризмот, се отвораат и музеите, една седмица подоцна ќе почнат со работа и летните кина, на 28 мај дозволено е организирање претстави и концерти на отворено, а во текот на следниот месец ќе се укинат рестрикциите за свадби и крштенки, кои ќе може да се одржуваат само на отворено со најмногу 100 гости.
Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 2 489 нови случаи на ковид-19, починаа 70 лица, а 707 пациенти се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега.