Во Грција од утре започнува вакцинацијата против ковид -19 во четири болници во Патра, Солун, Лариса и Јанина, и ќе продолжи и во атинските болници, а планот е во периодот од 4 јануари до 20 јануари сите здравствени работници, персоналот и згрижените во домовите за стари лица да ја примат првата доза, изјави денеска генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус на прес – конференција за планот за вакцинација, јави МИА од Атина.
Паралелно во Грција утре ќе пристигне првата голема пратка од 83 850 дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“.
Врз основа на централниот европски договор до крајот на јануари Грција ќе добие 419 250 дози и уште 333 450 дози до крајот на февруари. До крајот на март, од „Фајзер“ ќе има 1 255 800 дози и според најавите од грчките здравствени власти, оваа бројка веројатно ќе се зголеми ако Европската унија постигне договор за дополнителни 100 милиони дози.
Во изминатите 24-часа во Грција се регистрирани 476 нови и 66 смртни случаи со што бројот на заразени од почетокот на епидемијата се зголеми на 135 931 лица, а починаа вкупно 4 672 лица.
Нашата земја договори да добие извесна доза вакцини од контингентот што овваа земја ќе ги набавува за себе. Таква соработка досега е договорена и со уште две земји – членки на ЕУ, Бугарија и Полска.
Пакет од 70 милиони евра одобри Европската комисија за да помогне во финансирањето на набавките на вакцините против ковид-19 за земјите од Западен Балкан.
Помошта е обезбедена преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА 2) за да помогне во финансирањето на пристапот на партнерите од Западен Балкан до вакцините за ковид-19 набавени од земјите-членки на ЕУ.
