Грчката влада ќе ја искористи секоја плодна идеја за да се охрабрат невакцинираните да се имунизираат, вели портпаролот Јанис Иконому
Позитивен е фактот што од средината на август постои нагорен тренд во закажувањето термини за вакцинација, но како што посочуваат експертите, за да изградиме колективен имунитет, потребни ни уште барем еден милион вакцинирани, рече портпаролот на грчката влада, Јанис Иконому, на денешниот редовен брифинг со новинарите, а во однос на задолжителната вакцинација на здравствените работници порача дека нема да има никакво пролонгирање и од 1 септември невакцинираните ќе бидат на принуден одмор, јави МИА од Атина.
Поконкретно, Иконому објасни дека задутре истекува рокот за вакцинација на здравствените работници во јавните и приватните структури, а „законот што предвидува суспензија за оние кои не примиле барем една доза, ќе се спроведе и ќе се примени во целост“.
Тој додаде дека невакцинираните дури и да решат да се имунизираат по 1 септември, не е сигурно дека ќе се вратат на истите позиции.
„Владата треба да продолжи и ќе продолжи со спроведување на мерките, не од инает, не за да казнува, не за да се спротивставува, не за да не создава непријатели, туку да го заштити целото општество. И вакцинираните и невакцинираните наши сограѓани“,
рече портпаролот на грчката Влада.
Иконому истакна дека Владата ќе ја искористи секоја плодна идеја за да се охрабрат невакцинираните да се имунизираат, а како пример ја спомена пилотската програма на Министерството за здравство за вакцинација со мобилни единици пред црквите, како и ваучерот од 150 евра, т.н. „freedom pass“ за младите од 18 до 25 години.
„Според официјалните податоци на 27 јуни, еден ден пред објавувањето на мерката, младите на возраст од 18 до 25 години пријавени за вакцинација беа околу 130 000, 13,6 отсто од вкупно околу 953 000 млади. До 23 август, околу 410 000 или 43 проценти од оваа старосна група беа вакцинирани или веќе имаа закажано термин. Од нив, 308 603 го искористиле „freedom pass“ и се доделени 33,7 милиони евра“,
објасни Иконому и додаде дека сепак не може со сигурност да се каже на колку од вакцинираните им влијаела мерката, но сигурно е дека го забрза процесот.