Додека Грција одлучи да им се приклучи на европските сојузници и да протера 12 руски дипломати од земјата, Австрија ги критикуваше одделните постапки на земјите членки на ЕУ во врска со протерувањето руски дипломати и додаде оти земјата засега нема да се приклучи кон протерување руски дипломати
Грција е следната земја која им се приклучи на европските сојузници и одлучи да протера 12 руски дипломати од својата територија, по наводите на украинските власти за масовните цивилни убиства во украинскиот град Буча од страна на руските сили.
Генералниот секретар на грчкото Министерство за надворешни работи го известил рускиот амбасадор во земјата оти 12 дипломати од Русија се прогласени за непожелни затоа што не се однесувале во согласност со меѓународните правила.
За разлика од повеќето земји членки на ЕУ и нивните сојузници кои по руската инвазија на Украина од своите земји протераа десетици руски дипломати, Австрија засега одлучи да не се приклучува кон таа одлука.
Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг ги критикуваше одделните постапки на земјите членки на ЕУ во врска со протерувањето руски дипломати и додаде оти земјата засега нема да се приклучи кон протерување руски дипломати.
„Мислам дека е жално што секоја држава постапува независно по ова прашање“,
изјави Шаленберг за јавниот сервис ОРФ.
Тој посочи оти го задржува правото да постапува врз основа на член 11 од Виенската конвенција, кој дозволува можност да се бара да се намали бројот на дипломати на исто ниво кое земјата домаќин го има во државата чии дипломати се протерани, и укажа дека Русија ќе воведе реципрочна мерка и ќе протера исто толку австриски дипломати од Москва, што де факто ќе ја затвори Амбасадата.
Друга можност, објаснува Шаленберг, е дипломатите да бидат прогласени за непожелни поради нивните шпионски активности.
Вчера, Европската Унија прогласи 19 вработени во Постојаната мисија на Русија во Унијата за персона нон грата, а ова го соопшти службата за надворешна политика на ЕУ во Брисел.
Повеќе европски земји деновиве го сторија истиот потег и решија да протераат десетици руски дипломати од своите земји, поради наводите за масакрот во Буча, каде што според украинските власти беа убиени над 400 цивили. Меѓу земјите кои се решија на тој чекор се Словенија, Шпанија, Италија, Шведска, Данска, Франција и Германија.
Во меѓувреме, Русија истакна оти соодветно и пропорционално ќе одговори на протерувањето на нејзините дипломати од голем број западноевропските земји, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков го оцени како „кратковиден“ потегот на европските земји кои се одлучија да протераат руски дипломати од својата територија.
„Стеснувањето на можностите за дипломатска комуникација во ваква невидено тешка кризна ситуација е кратковиден потег што дополнително ќе ја комплицира нашата комуникација потребна за изнаоѓање решение“,
истакна Песков.