Со отворање на камповите за деца, организирање концерти и конференции и одржување претстави и културни манифестации од денеска започнува нова, осма фаза на укинување на рестриктивните мерки во Грција воведени поради епидемијата на ковид-19.
Како што јави МИА од Атина, се отвораат и кината што работат во текот на целата година, како и казината и жичниците во цела Грција.
Сите ќе работат со посебни правила и протоколи, а според грчките медиуми, на културните манифестации и концертите сите треба да седат, да има по едно празно место, односно исполнетост до 75 отсто од капацитетот, со задолжително носење маска при влез и излез.
Празно место меѓу седиштата треба да има и во киносалите што ќе работат со 65 проценти од капацитетот, нема да има пауза, а маската е задолжителна за вработените.
Во казината, според медиумите во Грција, на масите предвидени за седум лица, дозволени се три или четири лица.