Откако вчера во сите земји-членки на ЕУ пристигнаа првите дози од вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“, денеска членките на Унијата ќе започнат со вакцинацијата. Во соседна Грција пристигнаа 9 750 дози, а според најавата, први на списокот за имунизација се здравствените работници во пет болници во Атина, државниот врв, како и претставници од Министерството за здравство, од црквата, опозицијата, но и армијата.
Први ќе се вакцинираат медицинска сестра од Одделот за интензивна нега во атинската болница „Евангелисмос“ и повозрасен граѓанин згрижен во дом за стари лица.
Веднаш по нив, во периодот од 14 до 17 часот по локално време во две различни болници во Атина, вакцината ќе ја примат претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, потоа, грчкиот претседател Кирјакос Мицотакис, а по нив ќе следат и шефот на Комисијата на епидемиолози Сотирис Циодрас, претседателот на Парламентот Константинос Тасулас и првите луѓе на други здравствени институции, на армијата и поглаварот на Грчката православна црква.
Утре, пак, ќе се вакцинираат лидерот на опозициската Сириза Алексис Ципрас, министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас и генералниот секретар во министерството Мариос Темистоклеус.
Вакцината утре ќе биде доставена и во болниците во грчките градови Лариса, Јанина, Патра и Солун за ден подоцна, да започне вакцинацијата на медицинскиот персонал и во овие болници.
Согласно планот на грчката Влада вчера процесот на вакцинација ќе биде во три фази.
Во првата фаза што започнува денеска ќе се вакцинираат здравствените работници, персоналот и згрижените во домовите за стари лица и оние кои се хронично болни, како и 45 државни функционери.
Во втората фаза во февруари 2021 година кога ќе биде достапен голем број вакцини, ќе се вакцинираат лицата над 70 годишна возраст, независно дали имаат здравствени проблеми, почнувајќи од оние што се над 85 години. Ќе следат и лица од 60 до 69 години, но и помладите со здравствени проблеми и под ризик од ковид-19.
Последната фаза ги опфаќа сите граѓани над 18 години и е предвидена е за јуни следната година.
Покрај во Грција денеска, како што беше најавено, вакцинацијата треба да почне во сите земји од ЕУ. Само пет држави не се придржуваа до планот и почнаа со вакцинација уште вчера.
Станува збор за Унгарија, Германија, Словачка, Франција и Шпанија каде вчера по пристигнувањето, беа дадени првите вакцини.
