Останува уште да се одлучи за работата на затворените кина, казината, објектите за храна во училиштата и центрите за стари лица
До почетокот на следниот месец се очекува Грција целосно да се врати во „новата нормалност“, откако ќе се спроведат и новите фази од владиниот план за дополнително олабавување на рестрикциите, кои денеска ги презентираше заменик-министерот за развој и инвестиции, Никос Папатанасис.
Оваа сабота се отвораат и внатрешните делови на кафулињата и угостителските објекти, на плажите ќе биде дозволена музика и алкохол, од понеделник почнуваат со работа ноќните клубови и коцкарниците, од 15 јуни фитнес-центрите и музеите, а од 1 јули е дозволено одржување конференции и концерти. Сето ова ќе биде во согласност со конкретни правила и прописи, јави МИА од Атина.
Почнувајќи од 6 овој месец, сѐ до 29 јуни постепено ќе се отвораат бизнисите, а последната фаза е на 1 јули.

На 6 јуни, се отвораат внатрешните делови на кафулињата и угостителските објекти, како и рестораните што се во рамките на хотелите. Дозволено ќе биде едно лице на 2,2 метри квадратни, растојанието меѓу масите треба да биде од 90 сантиметри до 1,80 метри во зависност од поставеноста на столовите.
Доколку во хотелите е предвидена шведска маса, тогаш ќе има задолжен келнер или вработен во хотелот што ќе ги послужува гостите, но ќе треба да има и заштитен плексиглас. Гостите задолжително ќе треба да одржуваат растојание од еден и пол метар.
Во истата фаза, од 6 јуни на организираните плажи ќе биде дозволено да се постават маси, да се пушта музика и да се продаваат алкохолни пијалаци.

Два дена подоцна, на 8 јуни се отвораат дискотеките, ноќни клубови, коцкарниците, интернет-кафулиња, а ќе важат истите правила како и за внатрешните делови на угостителските објекти. Во внатрешноста на ноќните клубови на гостите ќе им биде забрането користењето на шанковите.
На 15 јуни, како што веќе е најавено се отвораат сезонски туристички објекти, со што ќе биде означен почетокот на туристичката сезона, а паралелно ќе се отворат и музеите, фитнес-центрите, забавните паркови, спа-центрите, сауните и бањите.
Две седмици потоа ќе се отворат камповите за деца, а од 1 јули дозволено е организирање конференции и саеми, претстави, концерти и уметнички настани.
Правилата и мерките под кои ќе работат бизнисите што се отвораат во последните три фази, односно на 15 и 29 јуни и на 1 јули, ќе бидат дополнително соопштени.
Постојат бизниси за кои сѐ уште не е одредено кога ќе започнат со работа, како на пример кината на затворено, казината, објектите за храна во училиштата, центрите за стари лица.
Во шестата и седмата фаза, односно во периодот од 6 јуни до 1 јули, на работа ќе се вратат 13 отсто од вработените, односно 89 000 лица.
