Викендов, поради најавениот топол бран, плажите ќе бидат отворени од осум часот наутро, дозволено ќе бидат присуство на 40 лица на 1 000 квадратни метри, а под еден чадор ќе може да има две лежалки
За месец и половина, односно на 1 јули, според изјавите на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и државниот министер Јоргос Герапетритис, Грција ќе биде подготвена да прими странски туристи, секако доколку сè оди според планот, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис беше почесен гостин и централен говорник на глобалниот состанокот на меѓународната компанија за консалтинг „Бостон консталтинг груп“, а во обраќањето преку видеоконференција се задржа и на туризмот и зборуваше за странските туристи.
„Ако работите одат според нашиот план, ќе бидеме отворени од 1 јули, со протокол што ќе биде логичен, не само за луѓето кои сакаат да патуваат, туку и за нашата туристичка индустрија. Сакаме голем дел од пазарот од една помала пита. Европската туристичка пита ќе биде многу помала, но ова лето сакаме еден поголем дел“, рече Мицотакис.
Државниот министер на Грција, Јоргос Герапетритис, во интервју за грчката телевизија ЕРТ ги сподели истите најави за од 1 јули. Тој додаде дека за туристите ќе постојат неопходните протоколи, кои ќе бидат балансирана мешавина од заштита на јавното здравје, без при тоа да се поставуваат пречки за туризмот.
Герапетритис коментираше дека ако земјата од која потекнува туристот, побара по враќањето да биде во карантин или да направи нов тест, се создаваат сериозни пречки и тоа е дестимулирачки за туризмот.
Плажите за домашните туристи се отвораат утре со строги протоколи
Утре, пак, бидејќи имаше најави за топол бран за време на претстојниот викенд, сопствениците на организираните плажи ќе може да отворат под строги правила и прописи.
Плажите ќе бидат отворени од осум часот наутро, а ќе постои контрола на влезот и регистрирање на бројот на посетители. Дозволени ќе бидат 40 лица на 1 000 метри квадратни.
Минималното растојание помеѓу оските на чадорите треба да биде 4 метри и еден метар меѓу периметарот на сенката на двата чадори.
Дозволени се две лежалки на еден чадор, со исклучок на семејствата со мали деца, додека пак растојанието меѓу лежалките од два различни чадори треба да биде еден и пол метар.
Кафулињата и баровите на плажите ќе работат исклучиво со продажба на пакувани производи и кафе и тоа за носење, а забранета е продажба на алкохолни пијалаци.
На вработените им се препорачува да носат маска, а се обврзани да ги дезинфицираат лежалките по секој посетител.
На плажите ќе биде забрането тимско спортување со физички контакт, а сите посетители треба да го држат и потребното растојание.
За непочитување на новите правила и мерки, предвидени се казни од 5 000 до 20 000 евра, во зависност од големината на плажата, како и затворање на 30 дена. Во случај на втор прекршок, казната е тројно поголема.
Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, на вчерашната редовна прес-конференција во Министерството за здравство, порача дека ако некој од сопствениците не е подготвен да отвори под конкретните услови, тогаш подобро воопшто да не отвора и да ризикува.