На островите Лезбос, Иос и Самос, од турското крајбрежје денеска пристигнале околу 600 бегалци и мигранти, се наведува во информациите во грчките и локалните медиуми од трите острови, пренесува МИА од Атина.
Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека на Лезбос за шест часа пристигнале 10 чамци со околу 400 бегалци и мигранти.

На останатите два острови, пристигнале околу 200 лица, од кои околу 120 на Иос со четири чамци, а на Самос, околу 80 лица во два наврати.
Според порталот „Сто ниси“ од Лезбос, локалното население од островот, се противи на нови бран мигранти и има поставено блокади на патот што води кон кампот Мориа, односно центарот за прием и идентификација на бегалци и мигранти, каде што се префрлаат сите оние кои стигнуваат на Лезбос.
Граѓаните, не дозволуваат автобусите со бегалците и мигрантите на грчката крајбрежна служба да стигнат до Мориа.
Подобреното време и значително поповолните временски услови во споредба со вчера, ги зголемија брановите бегалци и мигранти, по морски пат, од Турција кон Грција .
Медиумите во Грција вчера објавија дека на турското крајбрежје насобрани се големи групи бегалци и мигранти кои чекаат да се качат во чамци и бродови за да стигнат до грчките острови.

Министерот за поморство на Грција, Јанис Плакиотакис, кој во изминатите денови беше на островите погодени од бегалските и мигрантските бранови, преку неговиот Фејсбук профил, рече дека имал можност „повторно да ја констатира подготвеност, високиот оперативен потенцијал, храброста и совеста крајбрежната стража“.
Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, вчера испратил допис до Високиот комесар на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, за, и на официјален начин да побара свикување вонреден состанок на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ за ситуацијата во бегалското/мигрантското прашање, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на дипломатски извори.
Ситуацијата во Грција од вчера е прилично тензична откако Турција одлучи да ги отвори границите за мигрантите кои од 2015-2026 се на нејзина тероторија кон Европа во знак на револт поради завчерашниот напад врз нејзините сили во Идлиб, Сирија, при што загинаа повеќе од 30 турски војници.