Планот е објектите да бидат лоцирани во осум периферии со капацитет да примат до 2.000 лица
Грчката влада планира да изгради 20 нови центри за бегалци и мигранти со капацитет да примат од 500 до 2.000 лица. Според грчкиот весник „Риајл њуз“, објектите би биле лоцирани во осум различни периферии во Грција.
Станува збор за центри кои ќе функционираат на поразличен начин од веќе постоечките и ќе бидат за лицата кои имаат право на азил и ќе ја имаат карактеристиката на т.н. „контролирани“ објекти, јави МИА од Атина.
Весникот пишува дека на влезот на центрите ќе бидат поставени електронски рампи, а секој од бегалците ќе има електронска карта со посебен баркод за влез и излез од објектот, со цел да се избегне актуелната ситуација во која нема контрола кој влегува и излегува од камповите.
Пелопонез, Крит, Централна и Северна Грција, Епир се регионите каде што веројатно ќе се изградат новите центри.
Според грчкиот весник, конкретниот план на владата ќе се разгледа на утрешниот состанок на министерот за миграција и азил Нотис Митарас, заменик-министерот за одбрана и национален координатор за бегалското прашање Алкивиадис Стефанис и министерот за внатрешни работи Такис Теодорикакос. Целта е конечните одлуки за 20 нови центри да се донесат најдоцна до крајот на месецов.
Грчката влада веќе најави дека сегашните кампови на островите ќе се затворат, а ќе изградат нови затворени центри.