Се очекува целосното реновирање на целиот граничен премин да биде завршено до 2026 година

Граничниот премин „Евзони“ ќе се надградува со воведување дополнителни мерки што ќе ги забрзаат контролите и ќе го намалат повеќечасовното чекање за влез и излез од Грција, било одлучено на вчерашниот состанок свикан од заменик-министерот за внатрешни работи надлежен за областа Македонија-Тракија, Константинос Јулекас, и секретарот на децентрализираната администрација на истиот регион Јоанис Савас, пренесуваат грчките медиуми.
Надградбата ќе биде на две нивоа, со цел да се забрза протокот на патници и возила, особено во текот на летниот период. Како што изјави Јулекас, планот вклучува засилување на персоналот и функционално подобрување на инфраструктурата.
Првиот аспект на надградбата се однесува на зголемување на бројот на службеници кои работат на граничната станица. Ова барање е веќе доставено до политичкото раководство на надлежните министерства со цел да се скрати времето за проверка на податоците, што директно ќе придонесе за намалување на застоите.
Вториот дел од планот предвидува целосно реновирање на инфраструктурата.
Се очекува целосното реновирање на целиот граничен премин да биде завршено до 2026 година.
„Покрај целокупната надградба на зградата на Граничната станица, се обидуваме да преземеме мерки за решавање на проблемите, главно во текот на летниот период. Овие мерки се однесуваат на тоа како можеме да им го олесниме работењето на оние што минуваат на влезот и излезот за да немаме долги застои. Исто така, се обидуваме да ја забрзаме брзината на информацискиот систем, за да може контролата за влезот во Грција да се заврши побрзо“,
вели Јулекас.
Тој додава дека она што е разговарано е да се забрзаат царинските и пасошките контроли и како може да се обезбеди оние што доаѓаат или заминуваат од Грција.
Според информациите што биле пренесени на состанокот во 2024 година, на „Евзони“ биле проверени приближно пет милиони пасоши, додека во првите четири месеци од годинава, приближно еден милион.