Според процената на ОН, Европската Унија мора да се подготви за хуманитарна криза од историски размери во Украина, која би можела да резултира со повеќе од седум милиони внатрешно раселени лица доколку продолжи офанзивата на Русија
Грција е секогаш на вистинската страна на историјата! Мисијата е завршена, напиша на социјалните мрежи грчкиот заменик-министер за одбрана Никос Хардаљас откако хуманитарната помош од Грција за Украина пристигна во Полска, јави дописничката на МИА од Атина.
Хардаљас ја предводеше грчката делегација што пренесе медицински материјали и продукти за основни потреби, а хуманитарна помош со воени авиони и карго летови беше транспортирана во Полска за оттаму да биде доставена до украинските граѓани, но и до грчките иселеници.
При поаѓањето од Атина, заменик-министерот за одбрана рече дека Грција ја поддржува Украина на секој начин, а во тие рамки е и хуманитарната помош.
„Нашата солидарност, нашите желби, нашите молитви се со украинскиот народ и нашите иселеници, кои претрпеа такви трагични загуби“,
истакна Хардаљас.
Освен хуманитарна помош, Грција испрати и одбранбен материјал за Украина, а според грчките медиуми помошта вклучува муниција, пушки од типот „калашников“ и минофрлачи.
Покрај Грција, и Франција испрати вкупно 33 тони хуманитарна помош за Украина, во Полска за да им помогне на Украинците што се наоѓаат таму.
„Веќе испративме 33 тони помош во Полска, каде што илјадници украински бегалци избегаа по инвазијата на нивната земја од Русија“,
изјави францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманан, јави дописникот на МИА.
Според него, станува збор за шатори, лекови, храна, сè што им помага на луѓето да бидат пречекани во најдобри услови. Освен во Полска, француските власти соопштија оти на почетокот од неделава ќе испратат и повеќе од 30 тони хуманитарна помош во Молдавија.
Во меѓувреме, пак, портпаролот на француската влада Габриел Атал во програмата „Политички прашања“ на „Франс инфо“ и „Франс интер“, изјави дека Франција ја исклучува можноста од испраќање француски војници во Украина, но оти земјата веќе им испорачува материјална поддршка на Украинците во форма на оружје и муниција.
Франција денеска треба да поднесе нацрт-резолуција до Советот за безбедност на ОН „со цел да се гарантира непречен хуманитарен пристап, за да се задоволат итните потреби на населението што остана во Украина“, нападната од Русија, соопшти синоќа Елисејската палата.
Според проценката на ОН, Европската Унија мора да се подготви за хуманитарна криза од историски размери во Украина, која би можела да резултира со повеќе од седум милиони внатрешно раселени лица доколку продолжи офанзивата на Русија.