Грција разгледува мерки на национално ниво, а в понеделник туристичките организации ќе ги презентираат своите ставови за тоа на кој начин, безбедно, ќе се отвори грчкиот туристички сектор
Она што е сигурно е дека Европската комисија ќе излезе со нова одлука и од 15 мај кога завршува одлуката за затворањето на границите кон трети земји, ќе го продолжи затворањето за уште еден месец, односно до 15 јуни. Што значи дека до 15 јуни нема да можеме да примиме посетиле од трети земји, тврди алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис, во интервју за грчката телевизија „Мега“, пренесе МИА од Атина.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија смета дека со оглед на тоа што Европската Унија сѐ уште нема објавено план за туризмот, Грција разгледува мерки на национално ниво, а в понеделник, туристичките организации „ќе ги презентираат нивните ставови за тоа на кој начин, безбедно, ќе се отвори грчкиот туристички сектор“.
„Разгледуваме мерки на национално ниво, бидејќи на европско ниво нема договор ниту што ќе правиме со обесштетувањето на патниците кои имаат резервирано авионски билети, дали ќе им дадеме ваучер или ќе им се вратат парите, не се решени ниту прашањата со здравствените протоколи со кои ќе влегуваш во авион и ќе одиш на некоја дестинација“,
истакна алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.
Во однос на економијата и предвидувањето на Европската комисија за рецесија од 9,7 отсто во Грција, Варвициотис вели дека предвидувањето јасно покажува две работи: Големината на економската штетата од коронавирусот на европско ниво и потребата да се реагира на убедлив, решителен и храбар начин за економските последици од кризата.