Нови 4 608 случаи со ковид и 32 починати, со голем број хоспитализирани
Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 4 608 нови случаи на ковид-19, што претставува и нов негативен рекорд за земјата по дневен број новозаразени од почетокот на пандемијата, јави МИА од Атина.
Досега, најголем број нови случаи (4.340) имаше на 30 март годинава.
Зголемен е и бројот на пациенти приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во болниците, вкупно 326, седум повеќе од вчера, а за 9,74 отсто се зголемил бројот на пациенти примени во болниците.
Во изминатото деноноќие починаа 32 лица, со што бројот на починати од ковид-19 се зголеми на 13 466 лица.
Паралелно, направен е и голем број тестови, вкупно 121 881, од кои 98 014 се брзи, а останатите ПЦР.
Од новите случаи, 27 се „увезени“, 1 096 се во областа Атика, поширокиот дел на Атина, 402 во Солун и 344 на Крит.
Од 13 септември во земјата се воведуваат нови мерки, кои главно ги таргетираат невакцинираните: Затворени простори само за вакцинирани; задолжителни рапид-тестови еднаш или двапати седмично за невакцинираните вработени во јавниот и приватниот сектор, но на сопствен трошок, по десет евра од тест; задолжителен негативен тест за патување со брод, автобуси, воз или авион за невакцинираните…