Засега остануваат затворени трговските центри, школите и градинките
Со отворање на сите продавници за малопродажба, со исклучок на трговските центри и моловите, со враќање на матурантите во училишните клупи, со отворање на автошколите, со враќање на работа на 70 отсто од државните службеници, денеска во Грција започнува втората фаза од планот за олабавување на рестриктивните мерки, јави МИА од Атина.

Со ова на работа се враќаат 155 962 вработени, од вкупно 690 218 кои беа на принуден одмор поради рестриктивните мерки, а се отвораат 66 010 бизниси, односно 25 отсто од вкупниот број.
Продавниците ги отвораат вратите по двомесечен прекин на работата, но под нови правила и прописи – дезинфекција на просторите, промена на излозите и адаптирање на околностите.
Особено треба да бидат претпазливи сопствениците на продавници за облека, кои по секое пробување од клиентите, облеката ќе ја дезинфицираат со апарат на пареа.
Заштитните маски, пак, за вработените и потрошувачите не се задолжителни, туку постои силна препорака за нивно користење, а има посебни правила и ограничувања и во бројот на клиенти – во зависност од големината на продавницата, ако е до 20 квадратни метри не смее да има повеќе од четири лица (вработени и клиенти), од 20 до 100 квадратни метри, четири лица плус едно лице на секои десет квадратни метри за секој дополнителен квадратен метар. За продавниците од над 100 квадратни метри, 12 лица плус едно лице на секои 15 квадратни метри.

Во јавниот сектор, пак, од денеска на работа се враќаат на работа 70 отсто од државните службеници.
Минатиот понеделник, во првата фаза од олабавувањето на мерките, започнаа со работа книжарниците, оптиките, продавниците за спортска опрема, фризерските салони, берберниците, центрите за техничка проверка на возила.
Матурантите се враќаат, останатите ученици од 1 јуни
Денеска започнува наставата за матурантите, додека пак на 18 мај, во училишните клупи се враќаат сите средношколци.
За основните училишта и градинките за деца од четири до шест години, дополнително ќе се разгледа можноста за отворање на 1 јуни, доколку тоа го дозволува текот на епидемијата.
По еден ученик во клупа на растојание од еден и пол метар, најмногу 15 ученици во секој училница, поделба на класовите и наизменични одмори за да се избегнат метежи, се дел од правилата под кои ќе работат грчките училишта според упатствата во заедничката министерска одлука на надлежните министри и во циркуларното писмо од Министерството за образование на Грција објавени во четвртокот.
Доколку во класовите има над 15 ученици, тие ќе бидат поделени во две групи. Едната група ќе следи настава понеделник, среда и петок, другата вторник и четврток, а ќе се менуваат на една седмица. Во деновите кога нема да имаат настава на училиште, предвидена е програма за учење дома.
Според правилата за начинот на работа, потребно е учениците и професорите да бидат внимателни во излегувањето од училниците, тоа да биде постепено и со ред, да постојат различни делови за секоја група, на одморите да се проветруваат училниците, а забранети се игри со топка (кошарка, фудбал, одбојка и сл.) на големите одмори или по часовите.
За часовите по информатика, тастатурата на компјутерите треба да биде покриена со пластична проѕирна фолија, од оние што се користат за храна, а да се менува за секој ученик.
Во Грција, од почетокот на епидемијата заклучно со вчера, регистрирани се вкупно 2 716 позитивни случаи на ковид-19, а почина 151 лице.