Минатата година, Грција ја посетиле 948 000 македонски државјани, или за 20 отсто помалку во споредба со 2018 кога имало 1 187 000, објави Банката на Грција.
Како што јави МИА од Атина, туристите од Северна Македонија лани потрошиле до 114 милиони евра во Грција, или за 26,3 отсто помалку во споредба со 2018 година. Или просечно по лице 121 евро, а просечниот трошок по ноќевање е 48 евра по лице.
Податоците од Банката на Грција ги користи Институтот на Здружението на грчки туристички бизниси за го анализира туристичкиот бран преку копнените граници и туристите од Северна Македонија, Албанија, Србија, Бугарија, Романија и Турција.
Најмногу посети во 2015, најмалку лани
Во однос на бројот на пристигнувања од Северна Македонија во Грција во изминатите осум години, најмногу имало во 2015 година, 3 018 363, а најмалку лани кога за прв пат бројката е под еден милион.
Според анализата на Институтот, како во однос на приходите, така и во однос на бројот на ноќевања, по нагорниот тренд до 2014 година, следи тренд на намалување, а од 2015 опаѓаат и бројот на ноќевања.
Слична е ситуацијата и во однос на бројот на ноќевања. Во 2014 и 2015 година имало над шест милиони ноќевања, а лани 2.348.726.

Со намалениот број пристигнувања и ноќевања се намалиле и приходите за Грција од туристи од нашата земја, па од 203 милиони евра во 2013 година, 261 милион во 2014 и 245 милиони евра пред пет години, лани се намалил на 114 милиони евра.
Северна Македонија е на 27-то место од вкупниот број на пристигнувања во Грција, а на шестото во однос на пристигнувањата по копнен пат.
