Грчката влада ги очекува денешните предлози, одлуки и упатства од Европската комисија за да го објави својот план за туризмот, но најавува дека е подготвена од 1 јули да ги прими првите странски туристи.
Министерот Јоргос Герапетритис и портпаролот на владата Стелиос Пецас во синоќешните одделни интервјуа за две грчки телевизии најавија дека денешниот ден е клучен, иако владата е подготвена да постави „целосно функционален систем за прием на странските туристи, доколку епидемиолошките податоци продолжат да бидат охрабрувачки до крајот на јуни“.
Во однос на процедурите за влез на туристи, Герапетритис спомена дека ќе биде потребно пред поаѓањето да се направи тест, а категорично нагласи дека не постои веројатност за карантин за странските посетителите кои доаѓаат во Грција.
„Нашиот став е дека ќе треба пред поаѓањето да се направи тест или молекуларен или за антитела, за да постои безбедност во врска со нивното здравје. Веројатно е да постои и мерење на температурата на аеродромот при пристигнувањето. А потоа ќе се движат слободно во Грција. Секако, јасно е дека ние ќе ги преземеме сите потребни мерки за дури и да се појави случај, брзo да реагираме и да се спречи евентуално ширење. Една од работите која за нас е неприфатлива и за тоа ќе имаме цврст став и на национално ниво и во ЕУ е по враќањето посетителите да бидат во карантин“,
рече Герапетритис.
И покрај подготвеноста, Грција прво сака да го слушне конечниот предлог на ЕК за транспортот на патници кој треба да содржи општи упатства во врска со копнениот, воздушниот и водениот транспорт, како и општи упатства за хотелските објекти, здравственото осигурување и сл.