Министерствата за надворешни работи на три земји-членки на ЕУ – Грција, Белгија и Луксембург демантираат дека биле „воздржани“ или „против“ отворање пристапни преговори со Северна Македонија за време на вчерашниот министерски состанок во Луксембург.
По тврдењата дека Грција останала воздржана на состанокот на Советот за општи работи што се одржа во Луксембург, „360 Степени“ побара појаснување од Министерството за надворешни работи во Атина за позицијата на грчката влада. Од грчкото МНР одговорија:
„На последниот Совет за општи работи, Грција ја изрази својата силна поддршка за отворање преговори за членство меѓу Северна Македонија и ЕУ. Навистина, Договорот од Преспа воведе нова ера во пријателството и соработката меѓу Грција и Северна Македонија и ја очекуваме натамошната поддршка за нашата соседна земја во наредните чекори кон исполнување на релевантните пристапни критериуми додека стабилно напредува кон исполнувањето на целта – членство во ЕУ.“
Во твитер-порака на екс-министерот за надворешни работи Антонијо Милошоски, Грција беше спомената како една од воздржаните земји-членки, а Франција, Холандија, Германија, Белгија, Луксембург, Шпанија и Данска како држави што вчера биле против отворање преговори со С. Македонија.
И министерството за надворешни работи на Белгија демантира дека оваа земја била против отворање преговори за членство со С. Македонија. Во одговорот, на прашање на „360 Степени“, пишува:
„Овие извештаи се неточни. Ставот на Белгија е дека добро ја забележавме позитивната анализа на Комисијата и ја споделивме. Исто така, го препознаваме историскиот чекор како што е Преспански договор. Како што знаете, не беше можно да се најде компромис меѓу земјите-членки на вчерашниот Совет за општи работи, но Белгија ќе продолжи конструктивно да работи кон отворање на преговори.“
МНР на Луксембург на интернет-страницата објави соопштение во кое го цитира ставот на министерот Жан Аселборн, соопштен на вчерашниот состанок на Советот на ЕУ, со поддршка за почеток на преговори со земјава.
„Министерот Аселборн истакна дека за Северна Македонија, Советот мора да даде позитивен одговор, имајќи го предвид, меѓу другото, историскиот договор за името и напредокот на земјата која е кандидат од 2005 г.“, пишува во соопштението од луксембуршкото МНР.
Словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, денеска во Скопје изјави дека вчера во Луксембург ниту една земја-членка не била против преговори со земјава.
*поврзана вест: (ВИДЕО) Датум за преговори со ЕУ: Кој ја зборува вистината – Лајчак или Милошоски?