„Астра Зенека“ претставува една од најбезбедните и најквалитетни вакцини, која е дадена во најголем број дози во свето, изјави на денешниот брифинг организиран од Лекарската комора, професорката на Фармацевтскиот факултет при УКИМ, д-р Александра Грозданова, која е и претседателка на Комитетот за имунизација при Министерството за здравство.
Таа нагласи дека нема потреба од создавање паника кај лицата што ја примиле оваа вакцина и посочи дека само во Велика Британија има над 17 милиони дадени вакцини од оваа компанија.
„Најпрво беше препораката ‘Астра Зенека’ да не се дава кај постарата популација над 65, тоа беше во јануари некаде. Оваа препорака потекна од тоа што во клиничките испитувања што ги имаше оваа вакцина не беше вклучен доволен број лица над 65 години и кога не вклучувате во клинички испитувања трудници или доилки или други категории, вие едноставно немате податоци за безбедноста и ефикасноста на таа вакцина, во овој случај кај постарата популација. Но, вакцината почна да се дава и се виде дека има одличен безбедносен профил и таа препорака многу брзо прекина да важи и почна да се дава и кај постарата популација“,
појаснува Грозданова.
Овие нови сознанија што се појавуваат последните десетина дена, кои се темелат на бројките на тромбоични промени, односно несакани реакции што се случуваат кај популацијата под 60 години, како што вели Грозданова, потекнуваат од неколку држави.
„За ‘Астра Зенека’ на 15 март, 13 земји во Европа кратковремено го прекинаа вакцинирањето, со цел да се разјасни оваа состојба. Почнувајќи од Норвешка, првите случаи беа таму, па во Данска, потоа пријави Австрија, значи сите со ваков тип тромбоични промени кај популација помлада од 60 години. Германија во понеделникот излезе со јасен став дека бројот на инциденцата на појава на оваа состојба во однос на бројот на дадени дози претставува доволен алармантен сигнал за времено прекинување на давање на таа вакцина кај оваа популација“,
истакна Грозданова.
Таа појасни дека ист модел на дизајнирање на вакцината претставува и „Астра Зенека“ и „Спутник В“, тоа се двете аденовирусни вакцини, единствена разлика е што „Астра Зенека“ користи вирусен вектор од аденовирус од шимпанзо, а „Спутник“ користи хумани аденовируси.
„Меѓутоа, тоа не ја објаснува оваа симптоматологија на настани и мислам дека од она што ние во научните кругови го гледаме е дека степенот на пријава на овие инциденци е поголем од два фактора, затоа што ‘Астра Зенека’ се дава многу помасовно и затоа што следењето на несаканите реакции, особено на ниво на ЕУ каде што е приоритет следењето на безбедноста е многу потемелно. Секој еден пријавен случај се детектира и е забележуван“,
посочи д-р Грозданова.
Таа додаде дека одлучиле во овие неколку дена да одат со вакцинација на повозрасната популација бидејќи, како што рече, тоа било според националниот план. Дополнително ќе чекаат потврда од различни регулаторни тела за навистина да видат колкава е инциденцата.
