Приведените активисти беа меѓу стотиците луѓе на флотилата од 45 брода кои неуспешно се обидоа да ја пробијат израелската блокада за да достават помош до Појасот Газа
Активистите депортирани од Израел поради учество во хуманитарната флотила кон Појасот Газа, меѓу кои и шведската екоактивистка Грета Тунберг, денеска слетаа на аеродромот во Атина.

Депортирани се 160 лица – државјани на Грција, Италија, Франција, Ирска, Шведска, Полска, Германија, Бугарија, Литванија, Австрија, Луксембург, Финска, Данска, Словачка, Швајцарија, Норвешка, Велика Британија, Србија и САД. Активистите се пречекани на меѓународниот аеродром во Атина од страна на нивни поддржувачи.
Приведените активисти беа меѓу стотиците луѓе на флотилата од 45 брода кои неуспешно се обидоа да ја пробијат израелската блокада за да достават помош до Појасот Газа.
По пристигнувањето на атинскиот аеродром, Тунберг рече дека глобалната поморска флотила е најголемиот обид досега да се пробие нелегалната и нехумана поморска опсада на Израел.
„Она што сакавме да го направиме со ‘Глобал Сумуд’ беше да интервенираме кога нашите влади не успеаја да ја исполнат својата законска обврска. Тие не се во можност ниту да ги спречат најлошите воени злосторства“,
изјави шведската активистка Грета Тунберг по депортацијата во Атина.
Флотилата „Глобал Сумуд“ тргна од Барселона на почетокот на септември, а беше пресретната од израелската морнарица во близина на Појасот Газа помеѓу 1 и 3 октомври. Бродовите беа насилно пренасочени кон израелското пристаниште „Ашдод“, каде што, според израелската полиција, се приведени повеќе од 470 лица.
Првите депортации започнаа на 2 октомври, а 138 учесници во флотилата сè уште се во израелски притвор.