„Жив човек што работи знае и да погреши. Кога ќе се констатира грешката, ако се преземе одговорност, тогаш тоа е доблесно. Констатирана е очигледно грешката и единственото нешто што тие го имаа како морален чин е да се повлечат и тие тоа и го направија, така што очекувам тука да се затвори таа тема во јавноста“, вели Мицкоски
Грешката е констатирана, доблесно е да се преземе одговорност, вели премиерот Христијан Мицкоски за оставките кои вчера ги поднесоа членовите на Комисијата за помилување. Со овој чин премиерот очекува да се затвори темата за помилувањата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која од 23 октомври ја брануваат јавноста, поради дел од лицата што се најдоа на листата за помилување.
„Жив човек што работи знае и да погреши. Кога ќе се констатира грешката, ако се преземе одговорност, тогаш тоа е доблесно. Така можам да ја коментирам оставката на членовите на Комисијата која се занимава со помилувањата. Констатирана е очигледно грешката и единственото нешто што тие го имаат како морален чин е да се повлечат и тие тоа и го направија, така што очекувам тука да се затвори таа тема во јавноста“,
изјави Мицкоски.

Од опозициската СДСМ порачаа дека Комисијата за помилување е жртвено јагне за да се спаси од одговорност претседателката Сиљновска-Давкова. Бараат да се повлече од претседателската функција, а нарачателите, како што велат, да понесат одговорност.
„За скандалозните помилувања мора да има одговорност и за Сиљановска и за нарачателите. Во април 2023 година унгарската претседателка Каталин Новак си поднесе оставка поради скандал со помилување на едно лице. Сиљановска помилуваше и наркобос и осудени криминалци, вмешани во шпионски афери. Нели Унгарија и Орбан се моделот кој го следи Христијан Мицкоски? Еве по примерот на Унгарија нека се одважи Сиљановска и нека понесе одговорност, нека си даде оставка“,
рече Илиевски.
Вчера шестчлената Комисија за помилување поднесе колективна оставка. Одлуката ја соопшти на Фејсбук професорот Гордан Калајџиев, кој во образложението наведе дека ја донеле во согласност со нивните лични и професионални принципи. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прифати оставката и најави дека ќе следуваат консултации за новиот состав, како и за измени во системот на помилување.
Претходно премиерот Мицкоски ја обвини минатата владејачка гарнитура дека одредени случаи поврзани со помилувањата се кукавичко јајце снесено од претходната Влада што треба да имплодира токму во овој период.