Воздушниот сообраќај од утрово е нормализиран на сите грчки аеродроми
Грчкото обвинителство нареди итна прелиминарна истрага во врска со вчерашниот прекин на авионскиот сообраќај во Грција, кој настана по технички проблем во атинскиот информативен регион за летови.

Истрагата ќе ја води Одделот за киберкриминал на грчката полиција, а има за цел да утврди дали е извршено кривичното дело опасно попречување на воздушниот сообраќај, односно дали попречувањето било резултат на незаконски дејствија што ја загрозиле безбедноста на воздухопловството.
Дополнително, треба да се лоцира изворот на прекините што влијаеја на речиси сите фреквенции во рамките на атинскиот информативен регион за летови кои доведоа до откажување на сите летови низ цела Грција.
Согласно досегашните наоди, властите ја исклучија можноста за саботажа или кибернапад.
Поради неможноста за безбедно управување со воздушниот простор, сите летови во Грција вчера беа целосно откажани во периодот од 9:30 до 12:20 часот, а постепеното нормализирање на авиосообраќајот почна попладнето околу 18:00 часот. Воздушниот сообраќај од утрово е нормализиран на сите грчки аеродроми.
