Турската страна тврди дека бродот „Оруч Рејес“ спроведува серија сеизмички истражувања во морето, но грчките стручњаци сметаат дека тоа е е помалку веројатно, поради малото растојание на кое се наоѓаат бродовите кои го следат и го сметаат за провокација
Повеќедневните тензии меѓу Грција и Турција предизвикани од турската поморска истражувачка мисија денеска достигнаа ниво на вжештеност откако воените бродови кои го обезбедуваат истражувачкиот брод „Оруч Рејес“ во неколку наврати впловиле и испловиле од грчките територијални води во Медитеранот, додека истовремено се одвиваат воени вежби на грчката и француската морнарица.
Исто така, медиумите во двете земји објавија непотврдени информации за „блиска средба“ на фрегати кои пловеле под грчко и под турско знаме.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска испрати остро предупредување дека секој кој ќе го нападне истражувачкиот брод „Оруч Рејес“ скапо ќе плати, притоа не објаснувајќи кому му е наменета заканата.
„Ги предупредивме дека скапо ќе платат ако го нападнат ‘Оруч Рејес’ во источниот Медитеран и денеска го добија првиот одговор”,
изјави Ердоган.
Предупредувањето на турскиот претседател следи по низата шпекулации за можна „блиска средба” на турска и грчка фрегата. Сударот на двата брода не е потврден, но грчките оружени сили веќе неколку дена се во состојба на зголемена борбена готовност, пред се поради активностите на бродовите кои го следи турскиот истражувачки брод, објави весникот Та неа.
Грчки извори јавуваат дека турските бродови последен пат навлегле во грчките територијални води нешто после пладне. Турските бродови се следат од две фрегати на грчката воена морнарица.
Турската страна тврди дека бродот „Оруч Рејес“ спроведува серија сеизмички истражувања во морето, но грчките стручњаци сметаат дека тоа е е помалку веројатно, поради малото растојание на кое се наоѓаат бродовите кои го следат.
Истовремено со овие тензии, француската и грчката флота започнаа заеднички маневри.
Грчкиот сервис на Си-ен-ен јави дека во Атина во тек е итен состанок на највисоките претставници на државата кој е посветен на развојот на настаните во односите со Турција.
Претходно, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за овој проблем разговарал и со германската канцеларка Ангела Меркел.