За граничните премини, најавите се дека во тие 48 часа ќе постои целосна блокада за товарни возила или камиони, додека за автомобилите и автобусите сообраќајот ќе се одвива непречено
В четврток и в петок грчките земјоделци ќе ја блокираат целата национална патна мрежа, на клучните и на споредните правци низ Грција, како и граничните премини, пренесува МИА. Оваа одлука претставниците на земјоделците ја донесоа на денешниот состанок одржан во Малгара, западно од Солун.

Тие одлучија дополнително интензивирање на протестите, веднаш по празникот Водици, кој во Грција се одбележува на 6 јануари. Целта е земјата да се подели на два дела и да се запрат секакви активности на главните грчки автопатишта.
За граничните премини, најавите се дека во тие 48 часа ќе постои целосна блокада за товарни возила или камиони, додека за автомобилите и автобусите сообраќајот ќе се одвива непречено.
Протестите на грчките земјоделци траат повеќе од еден месец. Почнаа на 30 ноември минатата година, поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, поради скандалот со европските земјоделски субвенции. Главното барање е исплата на заостанатите субвенции.
Во период околу Божиќ, но и во деновите пред и после Нова година, земјоделците привремено ги тргнаа блокадите за да го олеснат патувањето на гражаните за време на празниците.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на крајот од минатата година изјави оти очекува земјоделците до средината на јануари да ги прекинат блокадите. Тој наведе дека во Грција има речиси 400 000 професионални земјоделци, а на блокадите има околу 4 000 трактори, што значи дека голем број од нив, меѓу кои и сточарите, не учествуваат во протестите.
