Земјоделците од над 55 блока доцна синоќа одлучија да не присуствуваат на состанокот со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Сметаат дека владините ограничувања за бројот на претставници што можат да присуствуваат на тој состанок ги поткопуваат изгледите за значаен дијалог
Поради протестите на грчките земјоделци, денеска од 11 часот по македонско, односно од 12 часот по грчко време во прекин е сообраќајот за сите возила на граничниот премин „Евзони“ кон нашата земја. Блокадите се очекува да траат до 15 часот по македонско, односно до 16 часот по грчко. Според најавите, постои голема веројатност, преминот да биде повторно затворен и по 18 часот.

Попладнево од 18 часот по македонско, односно од 19 часот по грчко време ќе биде блокиран и граничниот премин „Ники“ за товарни возила, а во периодот од 19 до 21 часот по македонско, односно од 20 до 22 часот по грчко време, прекинот на сообраќајот ќе важи и за автомобилите.
Протестите на земјоделците траат повеќе од еден месец, а започнаа на 30 ноември. Тие ги почнаа протестите по главните автопатишта низ Грција, но и на граничните премини за излез од земјата поради зголемените трошоци за производство и ниските откупни цени, како и поради скандалот со европските земјоделски субвенции (ОПЕКЕПЕ), за кој бараат да се утврди политичка и кривична одговорност и да се вратат украдените средства на вистинските корисници.
Инаку, земјоделците од над 55 блока доцна синоќа одлучија да не присуствуваат на состанокот со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Сметаат дека владините ограничувања за бројот на претставници што можат да присуствуваат на тој состанок ги поткопуваат изгледите за значаен дијалог.
Најавија дека планираат дополнително да ги интензивираат протестите.
Мицотакис денеска ќе одржи средба со претставници на 14 блокади, односно со оние што уште минатиот месец се одделија од групата земјоделци и побараа дијалог со грчката влада.
