Пораката на грчките земјоделци е дека не сакаат блокадите да бидат пречки за патувањата на граѓаните за божиќните празници и веројатно во вторник ќе ги отворат патиштата, но и делот околу патарините за слободно движење на возилата во пресрет на Божиќ

Продолжување на активности, но и заострување во следните денови, одлучија грчките земјоделци на денешниот состанок на кој учествуваа претставници на над 50 блока од цела Грција. Исто така, тие го одбија повикот од Владата за средба велејќи дека предложените разговори се преправање и ја обвинија власта дека „си игра“ земјоделците, бидејќи нивните основни барања остануваат неодговорени.
Претставници на земјоделците велат дека по денешниот состанок и со одлуките, покажале дека блоковите од цела Грција функционираат како еден обединет блок.
Грчките медиуми пишуваат дека со едногласна одлука, учесниците се согласиле да ги зајакнат блокадите и да усвојат подинамични форми на мобилизација во наредниот период за да извршат притисок врз владата за суштински решенија за проблемите во примарниот сектор.
Дополнително тие нагласуваат дека се решени да продолжат со блокадите и ако е потребно и Божиќ и Нова година ќе ги поминат на улица.
Планираат од утре, по 14 часот по локално време, да затворат уште повеќе патишта и автопати и споредни улици низ цела Грција, а не е исклучена можноста одлуките за заострување на протестите да значи и повеќечасовни блокади на граничните премини.
Пораката на грчките земјоделци е дека не сакаат блокадите да бидат пречки за патувањата на граѓаните за божиќните празници и веројатно во вторник ќе ги отворат патиштата, но и делот околу патарините за слободно движење на возилата во пресрет на Божиќ.
Сепак за следните чекори, одлуки ќе бидат донесени во вторник, за кога е закажан нов состанок.
Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември, поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, поради скандалот со европските земјоделски субвенции, а главното барање е исплатата на заостанатите субвенции.
