Земјоделците сметаат дека освен што треба да им се исплатат заостанатите субвенции, треба да им се исплати и трошок за производството, за кој сметаат дека е многу висок, како и тоа да има загарантиран откуп на нивните производи

Почнувајќи од 30 ноември, низ цела Грција ќе има блокади од страна на грчките земјоделци, на кои не им се исплатени субвенции и трошоци за производството.
Тие денеска имале координативен состанок во Лариса и одлучија од 30 ноември да ги шират блокадите постепено до 5 декември.
На состанокот свикан од Грчкиот координативен комитет за блокади присуствувале претставници на земјоделски здруженија од цела Грција.
Одлуката која ја донесоа подразбира блокади на автопати и други локации.
Активностите ќе бидат утврдени од локалните здруженија, а според грчките медиуми, не е исклучена можноста во планот на земјоделците да бидат вклучени и блокади на гранични премини и пристаништа.
По денешниот состанок земјоделците одлуките ќе ги пренесат во нивните општини и региони, по што ќе го одредат начинот на кој ќе учествуваат, додека пак целта на земјоделците од периферијата Тесалија е да постават заедничка блокада на автопатот Атина – Солун.
Грчките земјоделци сметаат дека освен што треба да им се исплатат заостанатите субвенции, треба да им се исплати и трошок за производството, за кој сметаат дека е многу висок.
Воедно бараат загарантирани цени за нивните производи.
