Главното незадоволство на земјоделците е поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, како и поради скандалот со субвенциите за земјоделството од Европската Унија. Едно од нивните главни барања е исплата на заостанатите субвенции

Денеска попладне во Малгара, западно од Солун, се очекува да се одржи состанок на претставници на земјоделците од цела Грција. На оваа средба се очекува да се донесе одлука за идниот тек на нивните протести, кои траат повеќе од еден месец.
На состанокот ќе учествуваат претставници од повеќе од 50 групи кои ги организираат блокадите на патната мрежа. Ова е трета рунда разговори откако пред 35 дена земјоделците ги извадија тракторите на клучните сообраќајници и граничните премини.
Главното незадоволство на земјоделците е поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, како и поради скандалот со субвенциите за земјоделството од Европската Унија. Едно од нивните главни барања е исплата на заостанатите субвенции.
Според најавите, на состанокот се очекува да биде донесена одлука, не само за продолжување на протестите и блокадите, туку и за интензивирање, а не е исклучена можноста да закажат и протест со тракторите во Атина.
Иако тракторите останаа паркирани на патиштата и пред граничните премини, земјоделците за време на празниците не блокираа и го овозможија патувањето на граѓаните.
Блокадите продолжија вчера кога во периодот од 17 до 21 часот по македонско време, грчките земјоделци повторно го блокираа граничниот премин „Евзони“ кон нашата земја за влез и за излез од Грција за сите видови возила.
Од утрово нема информација дали граничниот премин „Евзони“ е блокиран или возилата поминуваат непречено.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на крајот од минатата година изјави оти очекува земјоделците до средината на јануари следната година да ги прекинат блокадите. Тој наведе дека во Грција има речиси 400 000 професионални земјоделци, а на блокадите има околу 4 000 трактори, што значи дека голем број од нив, меѓу кои и сточарите, не учествуваат во протестите.
