Информацијата од ресорното грчко министерство е добиена на прашања на дописничката на МИА од Атина за подготвеноста на Грција за имплементација на новиот систем на ЕУ и начинот на неговото функционирање
Од 12 октомври, Грција ќе интегрира 99 пункта за пасошка контрола на своите граници, согласно стартот на имплементацијата на новиот Систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија.

На пунктовите, како што наведуваат од Министерството за заштита на граѓаните на Грција, инсталирана е целата опрема која се однесува на ефикасно функционирање на системот, а до сите надлежни тела испратен е информативен материјал и извршени се посети за да се потврди подготвеноста и соодветноста на опремата.
Информацијата од ресорното грчко министерство е добиена на прашања на дописничката на МИА од Атина за подготвеноста на Грција за имплементација на новиот систем на ЕУ и начинот на неговото функционирање.
„Со исполнување на сите обврски и на централно и на оперативно ниво, со спроведени сите потребни технички тестови под целосна контрола, Грција е подготвена за новиот систем“,
наведуваат од Министерството за заштита на граѓаните.
Македонското МВР пред неколку дена извести за деталите околу воведувањето на новиот систем на ЕУ, наведувајќи дека неговата целосна имплементација ќе почне од 12 октомври на сите надворешни гранични премини на 29 земји, а се очекува целосно да се воведе до април 2026 година.
Новиот систем предвидува граѓаните кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ или Шенген-зоната да остават биометриски податоци (отпечаток од прст и фотографија) при првиот влез во некоја од членките на ЕУ.