Светиот Синод на Грчката православна црква, денеска одржа вонреден состанок за владините мерки за Водици и соопшти дека не се согласуваат со одлуката црквите да бидат затворени за Водици.
Паралелно наредуваат Светите храмови да останат отворени за учество на верниците на литургија и осветувањето на водите во црквите, јави МИА од Атина.
Меѓу мерките што грчката Влада ги соопшти за оваа седмица е и забрана за отворање на црквите во среда за Водици, иако пред празниците беше соопштено за време на карантинот дека исклучок ќе има, а за Божиќ, Нова година и за Водици литургиите ќе може да се одржат со присуство на верници.
Токму затоа, Светиот Синод на ГПЦ денеска одржа состанок и го изрази своето несогласување со мерките на грчката Влада и соопштуваат дека испратиле протесно писмо до Владата.
Тие сметаат дека дијалогот е единствено средство за решавање на разликите што се однесуваат на односите меѓу државата и религиозните заедници.
Дополнително упатуваат апел како до Европската унија, така и до грчката Влада да ги преземат неопходните чекори за веднаш да се обезбеди доволен број вакцини за граѓаните.