Пет од 105-те уапсени лица за инцидентите пред стадионот на АЕК се под лупа на грчката полиција како можни сторители на убиството на 29-годишниот навивач на АЕК, објави дописничката на МИА од Атина
Државната телевизија ЕРТ објави дека главните осомничени за убиството се тројца Грци, еден Хрват и еден Албанец, со оглед на тоа што Хрватот и Албанецот во моментот кога биле уапсени имале ножеви на кои имало траги од крв.
„Од Грците, двајца се навивачи на грчки тим и веќе ѝ се познати на полицијата со оглед на тоа што имаат криминално досие, едниот во минатото бил апсен четири пати, другиот еднаш, додека, пак, третиот осомничен е идентификуван, но се бара”,
пишуваат грчките медиуми.
Според ЕРТ, продолжуваат лабораториските анализи на генетскиот материјал земен од уапсените хулигани, а на ноктите на жртвата била откриена ДНК на сторителот или сторителите.
Денеска започна процесот на сослушување на првата група од 30 уапсени, што ќе трае три дена, со оглед на тоа дека пред истражен судија ќе бидат изнесени во помали групи од 10 до 12 лица.
Процесот на сослушување се очекува да заврши в недела вечер.
Уапсените во средата побарале и добиле дополнително време за да ги разгледаат обвиненијата и да ја подготват својата одбрана, а се товарат за четири кривични и седум прекршочни дела, меѓу кои и за убиство со умисла, иако убиецот сѐ уште не е идентификуван, за криминална организација, за експлозија и поседување експлозивен материјал итн.
Мнозинството од уапсените, над 90 лица, се хрватски државјани, навивачи на Динамо Загреб.
Грчките медиуми вчера објавија дека согласно извештајот од спроведената обдукција, 29-годишниот Михалис, навивачот на АЕК, кој беше убиен во понеделникот, бил повреден во подлактницата, веројатно со нож од типот „карабит“, што довело до неконтролирано крвавење, а десет минути подоцна настапила и смртта.