Засега нема предлог за затворање на границите со Србија и Косово поради состојбата со коронавирусот во овие држави.
Од Министерството за здравство вчера најавија дека Комисијата за заразни болести денеска ќе разговара за посебен режим за преминување на овие граници или за евентуално затворање и најавија дека ќе соопштат кога ќе има одлука. Меѓутоа, досега нема никакво соопштение од Министерството, но премиерот Оливер Спасовски во изјава за медиумите посочи дека засега нема одлука, што значи дека границите остануваат отворени.
„Утрово имавме главен штаб за справување со коронавирусот. Разговаравме за сите прашања. Комисијата за заразни болести разговара прибира детални информации, ги анализира тие информации и ова не е прашање на политика и затоа Владата не може да носи одлука која би била политичка. Сакаме да носиме одлука како и досега, врз основа на мислењето на стручните луѓе, на епидемиолозите. Ако се согледа каква било потреба за каков било начин, не прејудицирам дали би било соодветен начин на преминување на граници итн., дури тогаш ќе разговараме на Влада и ќе ја носиме таа мерка“,
изјави Спасовски при посетата на Чучер Сандево.