Шпанските власти планираат до јули да ги задржат границите затворени за повеќето патници од странство, со цел да се избегне втор бран на коронавирусот, објавија денеска шпанските медиуми повикувајќи се на двајца неименувани извори од Министерството за надворешни работи во Мадрид.
Копнените граници со Франција и Португалија се затворени уште од средината на март, кога беше прогласена вонредна состојба поради пандемијата.
Шпанија почна со олеснување на рестриктивните мерки за своите граѓани, бидејќи ја стави пандемијата под контрола, но воведе двонеделен карантин за странските патници и практично ги затвори воздушните и морските граници за да избегне увоз на нови случаи од други земји.
Мерките за карантин истекуваат на 24 мај, како и вонредната состојба, но и двете може да бидат продолжени.
Ограничувањата за патувања веројатно ќе бидат во сила подолго од 24 мај, без оглед колку е важен туризмот за шпанската економија, изјавуваат неименуваните дипломатски извори.
Европскиот комесар за економија Паоло Џентилони во интервју за германскиот весник „Зидојче цајтинг“ изјави дека е убеден оти годинава, и покрај пандемијата на коронавирусот, ќе има летна туристичка сезона во Европа, но под одредени мерки и со ограничувања.
Европската комисија денеска треба да презентира препораки за постепено укинување на граничните контроли воведени за време на борбата против коронавирусот.
Ограничувањата прво треба да се укинат во оние земји каде што има добар напредок во однос на бројот на пациенти.
Грција веќе изрази подготвеност да ги отвори границите на 1 јули за странските туристи, но чека да го координира националниот план со правилата од ЕУ.
Црна Гора и официјално најави дека се подготвува за летната туристичка сезона, при што е планирано плажите да бидат отворени на 18 мај, но под одредени услови.