За граничниот премин Евозни (Богородица) кон Северна Македонија, како и Какавиас кон Албанија нема промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време
Граничните премини на Грција остануваат затворени уште една седмица. Грчката влада ги продолжи до 26 април министерската одлука за копнените граници и забраната за влез на државјани од трети земји, јави МИА од Атина.
Во новата министерска одлука има промени за државјани на одредени земји, како членките на ЕУ, но и Израел, Србија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и САД, за кои не важи задолжителниот карантин при пристигнување. Отворен е уште еден граничен премин, односно освен од Промахонас (Кулата), туристите и преку Нимфеас (Маказа), ќе можат да влезат од Бугарија во Грција, но под специјални правила, како што е негативен ПЦР-тест или сертификат за вакцинација.
Првиот член од министерската одлука се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон земјата „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот ковид-19, како и забрана за влез на лица преку наведените поврзувања, освен ако исполнуваат конкретни предуслови“.
За граничниот премин Евозни (Богородица) кон Северна Македонија, како и Какавиас кон Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време. Дозволен е влез само за одредени категории, со негативен ПЦР-тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин. Дневно е дозволено во Грција да влезат најмногу 400 лица
За транспортерите, Евзони е отворен од 7 до 23 часот по локално време
Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за оние што имаат дозвола за престој и живеат во Грција, како и за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини, за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција, за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.
Границите на Грција веќе 13 месеци се затворени за државјани на трети земји. Одлуката беше донесена лани, за време на првиот карантин во март, а оттогаш континуирано се продолжува.
За еден месец, односно на 14 мај, според најавите од грчката влада, Грција ќе го отвори туризмот за сите, а за патување ќе биде потребно или сертификат за вакцинација или негативен тест или потврда за прележан ковид-19.