По двете убиства изминатите денови, агентите на американската Служба за имиграција и царина (ICE) добија нови инструкции да избегнуваат контакт со „агитатори“ додека ги спроведуваат мерките на Трамп против имигрантите, пишува Ројтерс

Двајца агенти вмешани во пукањето врз американскиот државјанин Алекс Прети во Минеаполис во саботата се привремено отстранети од работа, соопшти Царинската и граничната заштита на САД.
Според прелиминарниот извештај на Министерството за внатрешна безбедност, а кој е испратен до Конгресот, двајца полицајци пукале со оружје кон Прети за време на тепачка.
Засега, како што пишува Си-ен-ен, не е познато кога агентите биле пратени на отсуство или колку долго ќе бидат надвор од работа.
Од Царинската и граничната заштита на САД во изјава за Би-би-си велат дека ги тргнала агентите од должност според стандардниот протокол и оти федералните агенти за спроведување на законот вмешани во пукање остануваат на отсуство додека се истражува инцидентот.
Агентот на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ) кој ја застрела 37-годишната Рене Гуд, во Минеаполис на 7 јануари, исто така е привремено отстранет од работа.
По двете убиства изминатите денови, агентите на американската Служба за имиграција и царина (ICE) добија нови инструкции да избегнуваат контакт со „агитатори“ додека ги спроведуваат мерките на Трамп против имигрантите, пишува Ројтерс.
Новото упатство, исто така им наложува на службениците за имиграција и царина на САД да се фокусираат само на имигрантите кои имаат кривични обвиненија или пресуди.
Според наведеното во електронската пошта испратена до Ројтерс од висок функционер на ИЦЕ, во упатството се вели дека единствената комуникација треба да биде со службениците кои ги издаваат наредбите.
Според новите упатства наведени во е-поштата, на службениците на ИЦЕ ќе им бидат дадени мегафони за да можат да издаваат наредби до јавноста и „мора да го вербализираат секој чекор од процесот на апсење“.
Сепак, во упатствата не е опишано што треба да прават службениците ако наредбите не се почитуваат.
Во одговорот за Ројтерс од Белата куќа, функционер на администрацијата рекол дека во тек се разговори за тоа како најефикасно да се спроведуваат операции во Минесота.
„Ниту едно упатство не треба да се смета за конечно сè додека не биде официјално издадено“,
рекол функционерот.
