Основниот граѓански суд-Скопје како неоснована ја одбил тужбата на новинарот на „Сакам да кажам“ (СДК), Горан Трпеновски, кој барал отштета од државата поради претрпен страв и повреда на слободата на изразување за време упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
Трпеновски, како тогашен новинар на СДК, бил во законодавниот дом, но судот смета дека за да бара отштета од државата требало да заврши со телесни повреди.
„Тужителот во овој настан не бил повреден, односно не му била нанесена никаква телесна повреда, туку кај него било предизвикано само чувство на страв, но Република Северна Македонија не е одговорна по тој основ да му ја надоместува евентуалната нематеријална штета“,
пишува во одлуката на судот.
Во однос на вториот основ – повредата на слободата на изразување, пак, судот заклучил дека новинарот, всушност, не е новинар, затоа што порталот СДК не е медиум според Законот за медиуми.
„Со оглед на тоа што тужителот согласно Законот за медиуми не можел да има својство на новинар бидејќи здружението каде што тој бил вработен не претставува медиум ниту, пак, дигиталната редакција ’Сакам да кажам.мк‘ претставува медиум кој е регулиран со Законот за медиуми, тужителот нема активна легитимација да бара од тужениот да му биде платен надомест за евентуална повреда на слободата на изразување“,
пишува во судската одлука.
За ова образложение, судот се повикува на законската одредба според која „издавач на медиум е физичко или правно лице кое врши дејност на издавање на печатен медиум или емитување на радио и телевизиски програми (радиодифузери)“.

Трпеноски не е единствениот чија тужба беше одбиена, во декември 2020 истиот Основен граѓански суд во Скопје донесе пресуди со кои ги одби тужбите на новинарките Наташа Стојановска и Душица Мрѓа, вработени во телевизии. Во образложението беше наведено дека новинарките не доставиле докази дека им било повредено правото на слобода на изразување, додека во однос на претрпениот став беше истото образложение како и за Трпеноски – немале телесна повреда.
Тогаш Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ваквата одлука ја нарече срамна и најави дека за ваквите судски пресуди ќе ги извести релевантните меѓународни организации.