Претставката наведува неколку клучни проблеми што го загрозуваат Националниот парк „Маврово“ како што се неусвоениот Закон за репрогласување, недостиг на план за управување, несанкционирани нелегални активности, неодржливо финансирање и пад на популациите на заштитени видови

Над 15 граѓански организации и иницијативи денеска поднесоа формална претставка до Владата на Република Северна Македонија, барајќи итна акција за репрогласување и заштита на Националниот парк „Маврово“ во согласност со законските одредби. Претставката, упатена до премиерот Христијан Мицкоски, истакнува „значителни прекршувања на Законот за заштита на природата“, што, според нив, го загрозуваат еколошкиот интегритет и одржливиот развој на паркот.
Во претставката, Организациите изразуваат длабока загриженост поради долготрајниот процес на трансформирање на Националниот парк „Маврово“ според постојното законодавство и меѓународните стандарди. Тие тврдат дека сегашната состојба ја поткопува заштитата на ова критично подрачје и ја попречува поддршката на локалните заедници во остварувањето на одржлив економски развој.
Претставката наведува неколку клучни проблеми што го загрозуваат Националниот парк „Маврово“ како што се неусвоениот Закон за репрогласување, недостиг на план за управување, несанкционирани нелегални активности, неодржливо финансирање и пад на популациите на заштитени видови.
Според Организациите, Законот за репрогласување на НП „Маврово“ сè уште не е донесен, а не е донесен ниту план за негово управување што, како што велат, спречува финансиска поддршка и одржливо управување со ресурсите.
„Пријавени се бројни неправилности и нелегални активности во паркот, но тие не се санкционирани. Приближно 80 отсто од финансирањето на ’Маврово’ доаѓа од сеча, практика која е неодржлива и спротивна на намената на заштитеното подрачје, а забележан е и пад на популациите на заштитените животински видови во паркот“,
се дел од проблемите што ги наведуваат Организациите.
Оттаму нагласуваат дека потенцијалните донатори се подготвени да го финансираат работењето на паркот и мерките за зачувување по усвојувањето на План за управување. Отсуството на таков план, велат тие, го загрозува еден од најстарите паркови во Европа.
Во претставката е наведено и дека Комитетот на Бернската конвенција постојано препорачува итно репрогласување на Националниот парк „Маврово“, а непочитувањето на овие препораки претставува кршење на меѓународното право.
Граѓанските организации ја повикуваат Владата на Република Северна Македонија да преземе итни чекори за исполнување на одредбите од Законот за заштита на природата, вклучително и објавување на нацрт-законот за повторно прогласување на Националниот парк „Маврово“, организирање јавна расправа за Законот и негово усвојување.