Според нив, ова е последица на потезите на големите партии од власта и од опозицијата, кои минатата година донесоа измени на Изборниот законик, со кој се зголемува прагот на потребни потписи за учество на изборите

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ), која е единствената советничка група во Советот на Град Скопје што не припаѓа на ниту една партија, најави формирање токму на политичка партија бидејќи, како што велат оттаму, тоа е единствениот начин независните да учествуваат на претстојните локални избори.
Според нив, ова е последица на потезите на големите партии од власта и од опозицијата, кои минатата година донесоа измени на Изборниот законик, со кој се зголемува прагот на потребни потписи за учество на изборите.
Уставниот суд во март го укина ова законско решение, а оттогаш не е донесено ново.
„Дали сакаме партија? Не, воопшто. Но, уште помалку сакаме сега да се повлечеме, кога партиите се обидуваат насилно и на секој начин да нè спречат. Мора да ја продолжиме битката зад која застанаа 10 000 скопјани на последните локални избори. Имаме алтернатива? Не, во моментов законски може или да се формира партија или да кренеме бело знаменце. А кревање бело знаменце е суштинска спротивност на нашето постоење, граѓанската борбеност и сè останато што ние претставуваме“,
велат од „Зелен хуман град“.
Тие сметаат дека можат да опстанат како граѓанска иницијатива и покрај тоа што ќе се формира партија.
„Партиите се концепт против кој толку долго зборуваме и ќе продолжиме да се бориме – канцерот на македонското општество сите овие години. Партиите се етаблирани со децении, имаат моќни сојузници, мрежа на послушници и огромна финансиска помош од приватни донатори, како и од државата. Ние? Ве имаме само вас – добродушните луѓе со чиста совест, нерасипани од алчност за моќ и своја лична корист кои верувате дека подобро утре е можно. Затоа ЗХГ никогаш нема да биде партија по дефиниција, туку останува граѓанска иницијатива“,
велат од ЗХГ.
За формирање партија потребни се 1 000 потписи.